Кога купувате мобилен телефон особено ако е половен или преку интернет често може да видите ознака „Refurbished“. На прв поглед тоа може да изгледа како нов уред, но што навистина значи? И зошто е важно да знаете што купувате?
Што е „refurbished“ телефон?
Refurbished телефон е уред што претходно бил користен, вратен кај производителот или продавачот (поради дефект, фабрички проблем или откажување од купувањето), и потоа бил сервисиран и вратен во продажба, често со нови или поправени делови.
Тоа не е сосема нов телефон, но ниту е класично користен (од рака на рака). Најчесто, refurb е:
-
Поправен ако имал дефект
-
Исчистен и тестиран од сервис
-
Понекогаш добива и нова батерија или екран
-
И обично доаѓа со гаранција (ако е од овластен продавач)
Дали refurbished телефон е безбеден за купување?
Зависи од каде го купувате.
Ако е официјално рефурбиширан од производителот (Apple, Samsung, Xiaomi), најчесто се работи за уреди со нови делови и целосно тестиран софтвер и хардвер. Во тој случај, може да добиете речиси ист квалитет како нов уред – но за пониска цена.
Но, ако е рефурбиширан од непознат продавач или оглас, може да значи само дека е поправан со неоригинални делови, без вистинско тестирање и без гаранција. Такви уреди често изгледаат добро, но може да имаат проблеми со батерија, екран или мрежа.
Како да препознаете дали телефонот е refurbished?
-
На iPhone: ако во Settings > About има моделен број што почнува со „F“ (наместо „M“), тоа е рефурбиширан уред од Apple.
-
Кај Android уреди, ова не секогаш е јасно – најчесто зависи од пакувањето или IMEI проверка.
-
Ако нема оригинално пакување или ако има ново куќиште без ознака, можеби е „локално рефурбиширан“.
На што да внимавате при купување refurbished уред?
-
Дали уредот има доказ за тестирање или гаранција
-
Дали се користени оригинални делови
-
Кој го извршил сервисирањето – овластен сервис или непозната работилница
Refurbished телефон може да биде одлична зделка – ако знаете што добивате. Се работи за уреди што не се нови, но можат да бидат речиси како нови ако се правилно сервисирани. Најважно е да проверите од кого доаѓа уредот, дали има гаранција, и во каква е состојба.
